Несовпаѓање на адресите во лиценцата за „Пулс“: ДПИ вршел надзор на погрешна локација

 


Стравичниот пожар во кочанското кабаре „Пулс“, во кој загинаа 59 луѓе, открива серија пропусти и фалсификати. Фирмата „ММММ Кафе Дооел“ Кочани, која управувала со објектот, поседувала лажна лиценца за работа, издадена од Министерството за економија. Во лиценцата, како адреса на дискотеката е наведена „Крижевска број 2“ во Кочани, истата адреса која Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ја имал во својот регистар за надзори во 2023 година, но не како локација за надзор, туку како седиште на фирмата, спротивно на податоците во Бизнис мрежата.

Во лажната лиценца, пак, издадена на 13 март 2024 година, адресите се заведени обратно и на точен начин – седиштето е на „Димитар Влахов“ а објектот на „кабарето“ е на улицата „Крижевска“ како што во реалноста и било, пренесе Слободен печат.

Според документација што „Слободен печат“ ја доби од свиркачи,  инспекторка на Државниот пазарен инспекторат на 28 јуни 2023 година спровела надзор не на адресата каде се наоѓала дискотеката уште од 2012 година,  туку во објект на улицата „Димитар Влахов бр.5 сутерен – 33“ Кочани, која што не е истата адреса на која се наоѓа дискотеката. Оваа информација е потврдена од документација што „Слободен печат“ ја доби од укажувачи од Државен пазарен инспекторат (ДПИ). Можно е инспекцискиот надзор да бил вршен во вториот, сега демолиран кафе-објект на неформалниот сопственик Дејан Јованов – Деко. На хартија, како управител на фирмата фигурирал шанкерот Александар Карадакоски кој е повреден во пожарот.

Надзорот што го спровела инспекторката на 28 јуни 2023 година бил вонреден, а во регистарот на извршени инспекциски надзори, графата за изречени мерки е празна, што значи дека најверојатно не била пронајдена неправилност.

На страницата на Државниот пазарен инспекторат на 11 ноември 2024 е објавен неделен извештај (до него може да пристапите на следниот линк), од кој се гледа дека на 29.10.2024 во правниот субјект ДПТУ ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани (на кого е издадена лажната лиценца за „Пулс“), е извршен повторно вонреден инспекциски надзор за да се провери дали се почитува Законот за заштита од пушењето, ама не е утврдена неправилност. Не е објавено на која адреса е вршен надзорот.

Извори на Слободен печат тврдат дека претставки за вонредни инспекциски надзори до ДПИ во Скопје во врска со фирмата „ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани“ стигнувале директно до одделението на ДПИ во Штип, а не во Скопје.

Според податоците во „Бизнис мрежа“, „ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани“ била основана на 15 мај 2020 година, а седиштето на фирмата е на „Димитар Влахов“ бр. 5. Во регистарот на пазарната инспекција, пак, седиштето е на „Крижевска“ каде всушност се наоѓа објектот.

Фирмата ММММ кафе ДООЕЛ е со блокирана трансакциска сметка и работела во дејност „ресторани“. Но, објектот во кој се наоѓала дискотеката „Пулс“, всушност бил регистриран за лесна индустрија, а никако за угостителска дејност.

21.03.2025 - 12:15

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега