МВР ќе се вклучи во борбата против злоупотребите со боледувањата, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој оцени дека проблемот е сериозен и во јавниот и во приватниот сектор, но нагласи дека при контролите мора да се почитуваат и човековите права.

Најавата доаѓа во период кога Фондот за здравствено осигурување подготвува построги правила за користење боледување. Меѓу предлозите се матичните лекари самостојно да можат да отвораат боледување до пет наместо до седум дена, поголема електронска контрола, но и можност за проверки на осигурениците додека се на боледување.

Дека има злоупотреби покажаа и претходните контроли токму во МВР. По барање на Министерството, ФЗО во втората половина на 2025 година проверил 80 вработени со вкупно 514 боледувања. Неправилности биле утврдени кај 29 лица, односно кај околу 37 проценти од контролираните вработени.

Од вкупно 514 проверени боледувања, 100 биле оценети како неуредно издадени. Во контролата биле опфатени и 105 приватни здравствени установи, а неправилности биле утврдени и кај дел од лекарите и лекарските комисии.

ФЗО како примери за сомнително користење боледување претходно посочи случаи во кои вработени менувале матични лекари или користеле последователни боледувања со различни дијагнози.

Предлозите за построги контроли предизвикаа реакции во јавноста, особено околу можноста за проверки во домот и намалувањето на периодот за кој матичниот лекар може самостојно да отвори боледување. Засега станува збор за најавени измени, а не за правила кои веќе се во сила.

Exit mobile version