Имплементацијата на Европскиот систем за влез и излез (EES), наменет за регистрација на граѓани од земји кои не се членки на ЕУ, ќе се одвива според планираното. Европската комисија во изјава за Н1 официјално ги демантираше гласините дека воведувањето на овој систем се одложува за септември 2026 година.

Крајниот рок останува април 2026

Од Брисел се децидни: не се најавени нови продолжувања на роковите. Сите земји-членки на Шенген зоната имаат јасна задача да го имплементираат системот на сите гранични премини во наредниот период.

„Постепеното спроведување на ЕЕС ќе заврши на 9 април 2026 година. Сепак, регулативата веќе предвидува одредени флексибилности за земјите-членки за периодот по завршувањето на воведувањето. Ова не е ништо ново“, нагласуваат од Европската комисија.

Што значи ова за патниците?

Според појаснувањето, до 10 април 2026 година, сите гранични премини ќе мора да бидат опремени за целосна регистрација на државјани на трети земји (вклучително и граѓаните на Македонија и регионот).

Претходно, дел од медиумите објавија дека системот се одложува за наесен за да се избегнат метежите во текот на летната туристичка сезона. Иако одредена флексибилност постои во самата регулатива за да се менаџира зголемениот сообраќај, тоа не значи одложување на стартот на системот.

Системот ЕЕС ќе ги замени досегашните печати во пасошите со дигитална база на податоци (биометриски податоци и скенирање лица), со цел подобра контрола на движењето и престојот на патниците во ЕУ.

Exit mobile version