Нема преживеани по падот на рускиот патнички авион
Нема преживеани откако денеска се урна авион со 28 лица на крајниот исток од Русија, изјавија спасувачките служби за руските новински агенции.
Двомоторниот авион Антонов Ан-26 летал од регионалниот главен град Петропавловск-Камчатски кон Палана, село на северот на полуостровот Камчатка, кога изгубил контакт со контролата на летање, соопштило Министерството за вонредни состојби, пренесува Ројтерс.
Повикувајќи се на извори, Интерфакс објави дека се сметало дека авионот паднал на карпа додека се подготвувал да слета во лоши услови на видливост.
Рускиот орган за цивилно воздухопловство потврдил дека е пронајдено местото на падот на авионот откако Министерството за вонредни состојби испратило хеликоптер и распоредил тимови на теренот да го бараат исчезнатиот авион.
Во авионот имало 22 патници и шест членови на екипажот, соопшти Министерството. Меѓу патниците била и Олга Мохирева, градоначалничката на Палана, ги цитира агенцијата ТАСС локалните власти.
Времето во областа било облачно во моментот кога авионот исчезнал, пренесоа руските новински агенции. ТАСС соопшти дека авионот бил во употреба од 1982 година.
Руските стандарди за безбедност на авијацијата се подобриле последниве години, но несреќите, особено со стари авиони во далечните региони, не се невообичаени.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа