Рибарското село Седанка, сместено на далечниот исток на Русија, се соочува со демографска катастрофа откако речиси сите мажи на возраст од 18 до 55 години заминаа на фронтот во Украина. Иако е оддалечено 7.000 километри од борбените линии, последиците од војната се видливи на секој чекор во оваа изолирана заедница.

Од вкупно 258 жители, дури 39 мажи се пријавиле како доброволци. Досега е потврдена смртта на 12 од нив, додека седуммина се водат како исчезнати. Жителите велат дека животот станал неподнослив, особено во тешките зимски услови.

„Срцекршачко е – толку многу од нашите луѓе се убиени. Сопругот на сестра ми и братучед се на фронтот. Речиси секое семејство има некој што се бори“, изјави за Би-Би-Си една од жителките под псевдонимот Наталија.

Локалните жени му се пожалија и на регионалниот гувернер дека во селото веќе нема работна сила за основните потреби.

„Сите наши мажи отидоа во специјална воена операција. Нема кој да сече дрва за да нè стопли во зима“, порачаа тие. Иако властите ветија помош и почесни титули за селото, на терен инфраструктурата останува во распаѓање, а училиштето е прогласено за опасно по живот.

Exit mobile version