НБРМ: Во септември годишна стапка на инфлација од 18,7%

 

На 10 октомври 2022 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари.На седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,5 п.п. до нивото од 3,5%. Понудата на благајнички записи на редовната аукција останува непроменета и изнесува 10 милијарди денари. На седницата беше одлучено да се зголемат и каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена, исто така за по 0,5 п.п. При носењето на одлуката беше обрнато особено внимание на нагорните придвижувања на инфлацијата, којашто во септември повторно забрза, исклучиво поради прехранбената и енергетската компонента. Исто така, со оглед на монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, промените во домашната монетарната политика ги одразуваат и промените во монетарната политика на Европската централна банка.

Народната банка уште од крајот на минатата година отпочна со постепено нормализирање на монетарната политика, заради одржување на среднорочната ценовна стабилност. Ова беше направено преку соодветно управување со ликвидноста, како и со постепено зголемување на основната каматна стапка. Ваквата монетарна поставеност беше поддржана и со дополнителни мерки, односно со промени кај инструментот задолжителна резерва насочени кон намалување на евроизацијата, како и со системски мерки, односно со воведување противцикличен заштитен слој на капиталот од 0,5%, со што дополнително се јакнат заштитните механизми во банкарскиот систем. Се очекува дека со зголемувањето на основната каматна стапка, заедно со направените промени во стапките на издвојување задолжителна резерва коишто се поповолни во однос на домашната валута, и понатаму ќе се делува врз каматната политика на банките и ќе се стимулира штедењето во денари.

Најновите податоци покажуваат годишна стапка на инфлација од 18,7% во септември, или просечна годишна инфлација во периодот јануари – септември 2022 година од 12,4%. Домашната инфлација и понатаму во најголем дел е определена од надворешни фактори, односно од порастот на увозните цени на храната и енергентите, вклучително и на домашната цена на електрична и топлинска енергија, коишто се под влијание на случувањата на глобалниот пазар на енергија. Од тие причини, околу 80% од годишната стапка на инфлацијата во септември, односно 75% од инфлацијата во првите девет месеци од годината, се должат на растот на цените на прехранбените производи и на енергијата. Со оглед на подолготрајните притисоци од овие цени под влијание на непредвидливи надворешни фактори и нивните преносни ефекти врз цените и на останатите производи и услуги, се подгреваат и инфлациските очекувања на економските субјекти. Поради тоа,  потребно е водење претпазливи домашни политики заради внимателно управување со побарувачката. Иако кај цените на храната веќе се видливи поизразени надолни приспособувања на светските берзи, сепак нагорните притисоци од цените на електричната енергија го отежнуваат, односно го забавуваат пренесувањето на овие трендови кај цените на храната на домашниот пазар. Покрај тоа, на ова делува и неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите, а особено на енергентите, којашто е нагласена поради воените случувања во Украина и санкциите кон Русија.

Домашниот девизен пазар и натаму е стабилен, а од јули наваму, девизните резерви бележат постојан раст, којшто заклучно со септември е над проектираниот. Во услови на малку поумерени притисоци од енергетската криза и прилив на девизи на менувачкиот пазар којшто е значително повисок од очекувањата, како и солидна девизна ликвидност на банките, Народната банка и натаму врши откуп на девизи и ги јакне девизните резерви. Девизните резерви се во сигурната зона, а нивното ниво ги задоволува барањата за адекватност согласно со меѓународните стандарди.

Во однос на активноста во домашната економија, во вториот квартал од 2022 година беше остварен реален раст на бруто домашниот производ од 2,8% на годишна основа, колку што изнесуваше и очекуваната стапка на раст според последните проекции на Народната банка. Збирно, за првото полугодие остварувањата се малку подобри од проекциите на Народната банка. Сепак, расположливите високофреквентни податоци за домашната економска активност во третиот квартал упатуваат на забавување на реалниот економски раст, што заедно со надолните ревизии на странската побарувачка поради ефектите од воениот конфликт во Украина и сè поголемата енергетска криза, ги нагласуваат надолните ризици за растот во следниот период.

Од аспект на движењата во монетарниот сектор, според последните податоци, кредитната активност и натаму расте солидно и малку над нашите проекции, при поизразено забрзување на растот на вкупните депозити, но малку поумерено од очекувањата.

Во септември, најголемите централни банки продолжија со позначителни зголемувања на референтните каматни стапки, при нагорни корекции на очекуваната патека на инфлацијата на глобално ниво. Во такви околности, цените на државните обврзници во САД и во еврозоната и понатаму се намалуваа, односно нивните приноси забележаа пораст. Истовремено, вредноста на САД-доларот во однос на еврото и натаму зајакнува, согласно со зголемената побарувачка за САД-долари, како и при релативно поповолни изгледи за американската економија. Во текот на месецот, цените на повеќето енергенти и на храната на светските берзи се намалија.

Општо земено, неповолното надворешно окружување носи нагласени ризици и налага водење претпазливи домашни политики. Геополитичките тензии неповолно влијаат и врз цените и врз економската активност во глобални рамки и се главен извор за актуелната енергетска криза во Европа. Неизвесноста од овие случувања и натаму е главен ризик за целокупниот макроекономски контекст. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и како и досега ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, со цел да се одржи стабилноста на девизниот курс и среднорочната ценовна стабилност.  

 

12.10.2022 - 13:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега