Наумовска: Навремено ќе презентираме протоколи и планови за новата учебна година
Владата треба да ги рзгледа документите кои ги подготви Бирото за развој на образование и работната група, да дадеме мислења, насоки и дополнувања. Се надевам дека навремено, до првата половина од август, сите тие протоколи, планови и стратегии ќе бидат презентирани пред јавноста и училиштата ќе имаат доволно време да се подготват за почетокот на новата учебна година, изјави заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска.
-Сакам да дадам смирувачка информација за целата македонска јавност дека ние како Влада точно знаеме како и што треба да се преземе, изготвуваме протоколи, план и можни стратегии во зависност од тоа како ќе се развива пандемијата, рече Наумовска вечерва во интервју за Телевизија 24.
Лично смета, а тоа, рече, е мислење и на голем број нејзини соговорници, дека секаде каде што е можно и каде што постојат услови од безбедносен аспект, од 1 септември да се реализира настава со физичко присуство.
– Тоа е наше првично видување. Има рурални средини каде што нема многу заболени од КОВИД-19, некаде нема ни еден, а ученикот живее преку улица од училиштето. Зошто тогаш да следи настава преку компјутер, кога може со соодветни протоколи за заштита на здравјето физички да присуствува во паралелка во која има пет до десет деца и доволно простор за да бидат добро распоредени, рече Наумовска.
Физичкото присуство, како што рече, е особено важно за најмалите ученици, за првачињата и тие до трето одделение за кои, рече, далечинско учење од компјутер не е вистинско јазично и математичко описменување.
– Мое лично видување е дека овие деца треба во мали групи да посетуваат настава со физичко присуство. Но Комисијата за заразни болести е таа што треба да го каже последниот збор и јас не би избрзувала, додаде Наумовска.
Рече и дека доколку наставата биде повторно онлајн, се предлага наставниците да работат од училиште каде што ќе имаат обезбедено техничка опрема и интернет-пристап, затоа што во последните три месеци од 2019/2020 различни наставници различно биле вклучени и ангажирани во наставата од далечина зашто дома немале соодветна опрема.
Во процес е подготовката на нацоналната платформа за учење од далечина во која точно треба да биде дефинирано како ќе изгледа наставен час, колку ќе трае временски, кога во текот на денот ќе се одвива е-наставата итн.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа