Научниците предупредуваат: Наскоро ќе се појави нова мутација која ќе ги надмудри вакцините против ковид-19

Повеќе од сигурно е дека наскоро ќе се појави нова мутација на коронавирусот која ќе успее да ги „надмудри“ вакцините против ковид-19, предупредува Д-р Дејвид Набаро, специјален претставник на Светската здравствена организација (СЗО).

Тој предупредува дека е неопходно да се однесуваме внимателно кон вирусот, дури и во области во кои стапката на вакцинација е огромна.

– Вирусот не стана ништо помалку опасен, па затоа и понатаму одржувајте физичка дистанца и носете заштитни маски колку што можете – вели Набаро за британскиот канал „Sky News“.

Докторот објаснува дека човештвото ќе мора да научи да живее со овој вирус и да спречи нагло да избие и да предизвика нови жаришта.

– Искоренувањето не е разумна цел за светот. Коронавирусот нема целосно да исчезне, туку ќе се појавуваат негови нови варијанти и мутации – истакнал Набаро.

Со ваквиот став е согласен и Џон Бел, професор по медицина на универзитетот Оксфорд и член на тимот кој ја разви вакцината „АстраЗенека“.

Тој истакнал дека вакцините се ефикасни против индискиот сој, но заштитата од идните соеви не е „засекогаш загарантирана“.

– Би можеле да се соочиме со навала на нови верзии на ковид-19 доколку не им се помогне на сиромашните земји во побрза вакцинација на своето население. Оваа болест тука ќе остане веројатно засекогаш, но ние мораме да продолжиме да се трудиме во што поголема мера да ја сузбиеме ширум светот бидејќи во спротивно ќе нè заморуваат различните варијанти кои доаѓаат. Моментално мислам дека на хоризонтот немаме ниту еден сој кој би ја победил вакцината, но тоа сигурно ќе се случи порано или подоцна. Мораме да бидеме спремни да се носиме со тоа и да спречиме тие да се претворат во бранови – изјавил професорот за „BBC 4“.

10.06.2021 - 14:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега