Научна конференција на МФ, МАНУ и СЕП – забрзување на пристапниот процес на РС Македонија во ЕУ

 

Кохерентните, интегрирани и одржливи политики се клучни на патот до европска интеграција. Преку инклузија на научната заедница во нивното креирање, може да се постигне синергија на добри решенија, пристапи и препораки за да се забрза процесот и да се постават позиции коишто ќе бидат од корист во постигнувањето на евроинтегративните цели.

Денеска се одржа научната конференција на тема „Забрзување на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ: клучни предизвици и приоритети“, во организација МАНУ во соработка со Министерството за финансии и Секретаријатот за европски прашања.

„Нашата определба секогаш била евроатланска, а стратешкото партнерство со ЕУ и со САД е основа за стабилен и одржлив развој на нашата земја, како демократски, така и економски. Единствениот европски пазар од половина милијарда граѓани, пристапот до заедничките фондови, како и заедничките стратегии по однос на клучните прашања се главните придобивки од членството, кои ќе придонесат кон побрза конвергенција на нашата земја кон развиените пазари“ - порача министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Тој додаде дека научните конференции се одлична можност да се искористат научните пристапи и препораки за да се забрза процесот, а воедно и да се постават позиции коишто ќе бидат од корист во постигнувањето на евроинтегративните цели.

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ рече дека ваквите дебати се само почеток во оваа фаза на преговорите со ЕУ и дека постојано, за сите процеси поврзани со евроинтеграцијата, ќе продолжи комуникацијата и координацијата со академската фела, порачувајќи дека сега е време кога треба сите, заедно, креативно да размислуваат и летово да се отвори дискусија за областите во кои ќе можеме да се вклучиме порано, пред членството во ЕУ.

-После скоро една година откако ги започнавме преговорите со ЕУ, имаме квалитетни резултати и време е за вклучување на сите засегнати страна во исполнувањето на нашата стратешка цел. Имаме реална шанса Северна Македонија да биде во пакетот на држави кои ќе бидат идни членки на ЕУ. Постои план од страна на ЕУ кој треба да го искористиме за забрзување на реформите и приближување на Република Северна Македонија поблиску до членството во Унијата, посочи Маричиќ.

На конференцијата учествуваа еминентни научни работници од академската заедница на земјата (академици, професори од државните и приватните универзитети, од научните институти и од други домашни научни и стручни институции), дел од владините експерти кои активно ќе партиципираат во преговорите со ЕУ и др. Презентираните трудови се со акцент на предизвиците, предностите, ризиците и компаративните искуства поврзани со зачленувањето на нашата земја во Европската Унија.

22.06.2023 - 16:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега