НАТО распиша конкурс - „Жени и девојки во науката“ за 2025

 

Организацијата на НАТО за наука и технологија (СТО) објави конкурс за учество на Предизвикот „Жени и девојки во науката“ за 2025 година, чија цел е да ги инспирира младите жени да ја продолжат својата кариера во науката, технологијата, инженерството и математиката и на кој можат да учествуваат и македонски државјанки. 

Во рамките на ова второ издание на Предизвикот ќе биде обезбедена платформа преку која избраните жени и девојки ќе може да споделуваат иновативни истражувачки идеи поврзани со глобалната безбедност и одбрана. 

Со конкурсот се повикуваат младите жени и девојки да достават визионерски предлози за истражување кои се однесуваат на итните предизвици во областа на истражувањето за безбедноста и одбраната. 

Предлозите треба да имаат за цел решавање на некое актуелно прашање или да спречат појава на нови закани. Секој предлог треба да се однесува на приоритетите на НАТО поврзани со науката и технологијата, како што се одвраќањето, енергијата, отпорноста, Вселената и климата. 

Право на учество на конкурсот имаат жени на возраст од 18 до 35 години кои се државјанки на некоја од земјите членки на НАТО и да студираат или да имаат завршено факултетско образованите од областа на науката, технологијата, инженерството, математиката или општествените науки.  

Крајниот рок за поднесување на апликациите на конкурсот истекува на 11 март 2025 година во 23:59 часот по средноевропско време. Апликациите мора да се на англиски јазик, а поднесоците на други јазици нема да бидат прифатени. 

Избраните 12 финалисти на конкурсот ќе бидат презентирани на 6 јуни на настан во седиштето на НАТО во Брисел, на кој тие лично ќе одржат 10-минутна презентација на своите предлози. 

Сите 12 финалисти ќе добијат признанија за нивниот придонес во Предизвикот, а тројцата првопласирани ќе можат и да го посетат Центарот на НАТО за поморско истражување и експерименти (ЦМРЕ) во италијанското место Ла Специја во текот на претстојното лето. 

13.02.2025 - 11:02

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега