Наскоро започнува грејната сезона

 


Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ) ја информира јавноста дека согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија и Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија, грејната сезона започнува на 15 октомври 2024 и завршува на 15 април 2025 година.

Но доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 ºС, тогаш грејната сезона може најрано да започне од 1 октомври и да заврши најдоцна до 30 април.

Согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија и Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија, снабдувачот е должен во грејните простории во времето од 06:00 до 22:00 часот во текот на денот да обезбеди температура на греење од 20+1 º C.

РКЕ апелира до станарите, односно заедниците на станари да ги проверат внатрешните инсталации и инсталациите во објектите, и да ги подмират сметките за електрична енергија за топлинските потстаници. Во исто време РКЕ и со официјален писмен допис побара од снабдувачите со топлинска енергија информација за спремност за старт на грејната сезона.

Согласно последната одлука од 1 август 2024, сметките за топлинска енергија за домаќинствата се пониски за 3,16 %, додека околу 1200 фирми, училиштата и институции кои се приклучени на централното градско греење ќе имаат пониска цена за 17 %.

30.09.2024 - 12:08

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега