Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје извршил увид на местото на настанот во скопската населба Карпош, каде по пад од висококатница животот го загубиле жена и малолетно дете.
Од Јавното обвинителство вечерва соопштија дека обвинителот наредил обдукција на телата, како и прибирање на траги и други материјални докази со цел целосно расветлување на случајот. Во тек се разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат информации за причините и околностите под кои се случил настанот.
Од Обвинителството најавуваат дека повеќе детали за преземените дејствија ќе бидат соопштени во текот на утрешниот ден.
Според првичните информации, мајката и детето попладнето паднале од балкон на зграда во Карпош. Случајот бил пријавен во полиција во 14:15 часот, а настанот се случил во зградите во близина на поранешна „Алумина“.

