Шест лица се повредени вечерва во напад со нож на плоштадот пред Операта во белгискиот град Антверпен, каде во тој момент се одржувал протест, соопштија локалните власти.
„Сите имаат убодни рани, а две од жртвите се во критична состојба“, изјави портпаролот на локалната полиција, Ваутер Браунс.
Тој информираше дека полицијата привела две лица осомничени за поврзаност со нападот.
„Полицијата успеа да уапси двајца осомничени кои, според првичните наоди, се измешале со демонстрантите“, рече Браунс.
Четворица од повредените се пронајдени на плоштадот пред Операта, додека другите две лица биле повредени во две околни улици.
Според белгиските медиуми, на местото на настанот интервенирале неколку медицински екипи, кои им укажале прва помош на повредените и ги пренеле во болница.
Полицијата засега не соопштува детали за околностите и мотивите за нападот.
„На местото на настанот се спроведува темелна истрага, вклучително и форензичка анализа“, додаде Браунс.

