Нагло зголемување на бројот на заразени во Прилеп - апел да нема собирања на домашните слави

 Со наглото зголемување на бројот на заболените во Прилеп, со моментално 327 активни случаи и со 1114 заболени од почетокот на пандемијата, се зголемија предупредувањата од прилепскиот Кризен штаб да се почитуваат мерките и, што е најбитно, да се избегнат групирањата и собирањата. Ова се потенцира особено пред почетокот на зимските слави.

Во пресрет на првата од зимските слави, Петковден, прилепското намесништво донесе одлука адетите за осветувањето на славскиот леб да биде во црковните храмови, а не како досега  во домовите на славениците.

Според отец Илчо Смилески, старешина на познатата прилепска црква „Свето Благовештение“ ова е  првпат досега, но мора да се заштитат сите.

-Ја прекинавме традицијата свештениците да одат во домовите да се „подигне“ славското лепче и да се освети, да се даде крстена вода. Од изутрината верниците доаѓаат во црквата да се направи традицијата. Запазени се сите мерки за заштита, со носење маски, на растојание и со дезинфекција. Така ќе биде за сите зимски слави, вели Смилески.

Граѓаните кои имаат слава велат дека е најбитно здравјето. За тоа е и славата.

– Еве дојдов во црквата, да си го осветам лепчето. Така е како што е. Мора да се чуваме, да внимаваме на здравјето. Всушност, и славата е за здравје, за радост и бериќет. Нема да каниме гости. Ќе бидеме само домашните, вели прилепчанката Јожица Стеваноска.

Од прилепскиот Центар за јавно здравје ги нагласуваат предупредувањата да нема собирања. Таму се во очекување на најавите од Министерството за здравство за зголемувањето на бројот на термините за тестирање.

-Традициите може да се одржат со основните адети и во домашни услови, во кругот на семејството. Да нема одење на гости за слави, да се избегнат групирањата, нагласува Драгица Николоска, директор на приелпскиот Центар за јавно здравје.

Во Прилеп има околу 1000 семејства на кои куќна слава им е Петковден.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

26.10.2020 - 16:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега