По повод 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, ВЛЕН организираше повеќе панели и активности посветени на децентрализацијата, локалниот развој, еднаквоста и европската иднина на Северна Македонија.
На настаните учествуваа копретседателите на ВЛЕН, Изет Меџити и Билал Касами, првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали, како и министерот за односи меѓу заедниците Агон Ферати.
Од ВЛЕН порачаа дека Охридскиот рамковен договор не треба да се гледа само како историски документ, туку и како обврска за институциите во сегашноста и иднината.
Според партијата, принципите од договорот 25 години подоцна се преточуваат во законски решенија, институции и инвестиции. Како пример ја посочуваат правичната и соодветната застапеност, која, како што наведуваат, се институционализира преку закон, додека децентрализацијата се поддржува преку порамномерно финансирање и инвестиции во општините со мнозинско албанско население.
Од ВЛЕН информираат дека повеќе од 250 милиони евра се насочени кон локални проекти. Во соопштението се посочуваат и инвестициите во Коридорот VIII и автопатот Скопје–Блаце, за кои партијата оценува дека ќе придонесат за подобро поврзување на земјата со Косово, Албанија и европските пазари.
Во фокусот е и образованието. ВЛЕН ги издвојува инвестициите од околу 42 милиони евра во новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“, како и поддршката за развојот на албанската култура.
Од партијата велат дека нивната порака по повод 25-годишнината е дека еднаквоста треба да биде загарантирана со закон, развојот да биде видлив и во општините со мнозинско албанско население, а европската интеграција да продолжи да се зајакнува.


