Повеќе од 100 лица се уапсени во Косово поради сомневања за масовно фалсификување на резултатите од парламентарните избори одржани на 28 декември, а надлежните институции наредија целосно повторно пребројување на гласовите, соопшти обвинителот од Призрен, Петрит Кријезиу.
Тој наведе дека станува збор за сериозен и организиран обид за нарушување на изборниот процес. „Станува збор за организиран обид и директна намера за поткопување на резултатите и волјата на граѓаните“, изјави Кријезиу, додавајќи дека 109 лица се приведени поради фалсификување на изборни резултати, вршење притисоци и заплашување, како и поради активна и пасивна корупција.
Според неговите зборови, постојат сериозни сомнежи дека биле манипулирани повеќе од 68.000 гласачки ливчиња на изборите на кои, според прелиминарните резултати, победи партијата на досегашниот премиер Албин Курти. Истрагата за наводната изборна измама започнала во средината на јануари, но засега не е познато дали некоја политичка партија имала директна корист од спорните дејствија.
Прелиминарните изборни резултати покажуваат дека движењето Самоопределување освоило повеќе од 51 отсто од гласовите.
По утврдување на „висок степен на неточности“ при делумното повторно пребројување, Државната изборна комисија донесе одлука за целосно пребројување на гласачките ливчиња на сите избирачки места, соопшти претседателот на Комисијата, Крешник Радониќи.
Набргу по оваа одлука, обвинителката Лаура Пула отвори истрага за можни кривични дела поврзани со изборниот процес.
Парламентарните избори се одржаа по повеќе од десет месеци политичка блокада, откако ниту една партија не успеа да обезбеди стабилно парламентарно мнозинство и да формира влада. Новото пребројување на гласовите и тековната истрага дополнително го одложуваат конституирањето на парламентот и формирањето на новата влада, со што се продлабочува институционалниот застој.
По гласањето, високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика, Каја Калас, изјави дека Брисел очекува брзо формирање на нова влада со цел надминување на политичката криза во земјата.

