Вкупно 49 нови комунални возила ќе бидат распоредени за одржување на хигиената во Скопје, Куманово, Прилеп, Струмица, Штип, Охрид, Тетово, Неготино, Кичево, Дебар и Велес. Набавката е реализирана со 4,2 милиони евра обезбедени преку Светска банка, а опфаќа 19 мултифункционални камиони, девет цистерни и 21 возило за чистење улици.

На денешната промоција во Скопје присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, локални градоначалници и претставници на Светска банка.

Овој проект е за подобра животна средина, поголема хигиена во нашите општини кои добиваат нови алатки да се справуваат со сметот. Повикувам и на општетсвена и граѓанска одговорност затоа што сите треба да бидеме подеднакво одговорни кон животната средина – рече Мицкоски.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дополнителна набавка на уште пет камиони обезбедени од Град Скопје, како и скорешна завршница на процедурата за набавка на 3.200 нови контејнери за главниот град.

Exit mobile version