Утринските температури денеска се спуштија до нулата во неколку градови низ земјава. Според мерењата на УХМР, најстудено утрово е во Берово, Попова Шапка, Пожаране и Маврови Анови каде се измерени 0 степени, додека во Гевгелија, Штип и Демир Капија термометарот покажа седум степени.
Во однос на снежната покривка, Попова Шапка убедливо предничи со 45 сантиметри снег. Во Крушево се измерени 19, а во Маврови Анови 9 сантиметри.
Времето денеска ќе биде променливо облачно, со умерен до засилен југоисточен ветер. Од УХМР најавуваат локални врнежи од дожд во попладневните и ноќните часови, додека на повисоките планини во северозападниот дел ќе врне снег. Максималните температури ќе се движат од 7 до 11 степени.
Во Скопје се очекува слично време со максимална температура до 10 степени. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд.

