На полноќ завршува рокот за поднесување листи за пратеници, ДИК треба да го заклучи Избирачкиот список

 


Најдоцна до полноќ политичките партии и коалициите треба да ги достават листите за пратеници до Државната изборна комисија (ДИК) за изборите закажани на 8 мај. Ако ДИК утврди дека листата е поднесена во определениот рок и е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик, поднесената листа ќе ја потврди со решение веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа. Денеска исто така ДИК треба да го заклучи Избирачкиот список и за претседателските (24 април) и за парламентарните избори.  

Како што е наведено во Роковникот за парламентарните избори, ДИК по приемот на листата на кандидати, утврдува дали таа е поднесена во утврдениот рок и составена во согласност со одредбите на Изборниот законик и проверува дали кандидатите за пратеници ги исполнуваат условите предвидени во Уставот и член 7 став 2, 3 и 4 од Изборниот законик. Проверката се прави преку податоците во соодветните регистри и евиденции на надлежните институции. Институциите кои ги поседуваат податоците за исполнетост на условите се должни да ги достават во електронска форма на комисијата во рок од 24 часа од приемот на барањето без никаков надомест.

ДИК врши проверка на листите веднаш односно најдоцна во рок од 24 часа од приемот на листата.

ДИК доставува барање до институциите кои ги поседуваат податоците за исполнетост на условите веднаш односно најдоцна на 03 април – 24 часа од приемот на листата. Институциите кои ги поседуваат податоците за исполнетост на условите, податоците ги доставуваат до ДИК, во електронска форма во рок од 24 часа од приемот на барањето. 

ДИК денеска треба да го заклучи Избирачкиот список и за претседателските и за парламентарните избори. Се очекува членовите да одржат седница и да информираат колку избирачи се запишани во Избирачкиот список за изборите. Се очекува бројката да биде различна имајќи го предвид бројот на лицата кои ќе станат полнолетни во периодот од 24 април до 8 мај.

Потпишувањето на Избирачкиот список за претседателските избори е предвидено за 8 април, а за парламентарните избори, според Роковникот за изборни дејствија, е на 22 април.

 

Кампањата за претседателските избори почнува на 4 април. 

02.04.2024 - 10:34

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега