Судскиот процес против Ива Михаилова, обвинета за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, ќе продолжи и без нејзино присуство. Основниот суд ја донел одлуката да ѝ се суди во отсуство, по предлог на Основното јавно обвинителство во Кочани.
-По предлог на Основното јавно обвинителство Кочани донесено е Решение на И.М., обвинета за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, да и се суди во отсуство, бидејќи таа не е достапна на државните органи. Следното судско рочиште е закажано за 09.11.2026 година во 9 часот, информираат од Обвинителство.
Причина за ваквата одлука е тоа што обвинетата во моментов не им е достапна на надлежните државни органи, информираат од Обвинителството.
Следното судско рочиште е закажано за 9 ноември 2026 година, со почеток во 9 часот, кога постапката треба да продолжи согласно донесената одлука.
Случајот со Ива Михаилова и натаму ги затегнува односите меѓу Скопје и Софија, додека се очекува разврска околу барањето за нејзина екстрадиција, а регионалните медиуми продолжуваат да ги следат реакциите и правните чекори на двете страни.
Случајот со Ива Михаилова започна по сообраќајната несреќа со смртни последици кај Кочани, по која против неа се води судска постапка. На 11 октомври таа замина во Бугарија, каде што побара медицинска помош во софиската болница „Пирогов“. Македонските институции соопштија дека немаат евиденција за нејзино излегување од државата, а обвинителството побара притвор. На 13 октомври судот ѝ определи 30-дневен притвор, по што македонските власти покренаа постапка за нејзино апсење и екстрадиција. Случајот предизвика реакции во двете земји, а бугарските власти потврдија дека го добиле барањето, но засега нема потврда дека Михаилова е уапсена во Бугарија или дека е донесена конечна одлука за екстрадиција.

