На 2-ри април синдикален протест заради минималната плата
Претседателот на Сојузот за синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов денеска на прес-конференција најави дека на 2 април ќе одржат протест на улиците во Скопје. Ова доаѓа откако во вторникот Владата ја усвои информацијата дека минималната плата ќе се зголеми за 1.800 денари во нето износ, а според ССМ, одлуката е незаконска.
-ССМ излегува на улица на 2-ри април, онака како што ветивме пред еден месец. Часот кога ќе почне јавната седница на органите и телата на ССМ, вклучително и синдикатите здружени во ССМ, е 12:05, имајќи во предвид дека 5 до 12 одамна помина, а 12 часот помина тогаш, кога Владата одлучи еднострано да усвојува информација, и со информација да утврдува износ на минимална плата на штета на работниците во Македонија, не прифаќајќи ги нивните предлози за утврдување на висината на износот на минималната плата, рече Трендафилов.
Тој напомена дека до сега, ниту со поголемиот дел од гранските синдикати здружени во ССМ не се преговара, не се разговара за висините на платите на вработените во јавниот сектор, онака како што е предвидено во општиот колективен договор.
-Не се преговара и не се разговара за висините на платите на вработените во јавниот сектор, онака како што е предвидено во општиот колективен договор, а тоа е да добиеме функционерски плати, просечна плата по коефициент на сложеност или зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 12,6 проценти во нето, или 12, 9 проценти во бруто, додаде Трендафилов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа