Во Скопје вечерва ќе се одржи голем музички спектакл по повод 35 години од независноста на државата. На платото пред Т-Арена „Борис Трајковски“, публиката бесплатно ќе може да ужива во музичкиот проект „Најдоброто од Македонија“, на кој ќе настапат Слаткаристика, Суперхикс, 2 Бона, Фанк Шуи и Дина Јашари.
Организаторите најавуваат голема аудио-визуелна продукција и концертна атмосфера за сите генерации. Концертот ќе започне во 20 часот.
Прославата по повод 35 години независност започна синоќа на плоштадот „Македонија“, каде што настапи светски познатиот тенор Хозе Карерас, заедно со дел од најпознатите македонски музички имиња – Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Ана и Игор Дурловски, Наум Петрески, Сузана Спасовска, Маја Оџаклиевска и Миле Кузмановски.
На 4 септември во главниот град ќе се одржи уште еден голем настан по повод 8 Септември. Караванот „Силно светнал ден“, кој од 9 август патува низ Македонија и досега посети 11 градови, ќе го заврши своето патување на плоштадот „Македонија“.
На завршниот настан ќе настапат повеќе од 120 артисти, а програмата ќе започне во 20 часот. „Силно светнал ден“ преку музика, глума и танц, како мултимедијален сценски спектакл, ја раскажува приказната за 35 години независност, со осврт на најзначајните историски моменти, предизвици, достигнувања и подеми во изминатите три и пол децении.
Прославата ќе кулминира на Денот на независноста, 8 Септември, со настапот на светски познатиот диџеј и продуцент Давид Гета на стадионот „Тоше Проески“.
Гета ќе настапи со своето спектакуларно шоу „The Monolith Stadium Show“, кое е најавено како едно од најголемите музички и продукциски шоуа во Европа и во светот.
Музичката програма по повод 35 години независност ја подготви „Авалон продукција“ во соработка со Владата.


