Муртезани – Жан-Пјер Понселе: Македонија направи напредок во усогласувањето на статистичките системи со ЕУ


Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска имаше средба со претставници на Статистичкиот завод на Европската Унија – Евростат Жан-Пјер Понселе и Клаудија Јункер.

Во фокусот на разговорите, како што информира Министерството за европски прашања, беше важноста на официјалната статистика во процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, како и нејзиното користење за креирање на развојни и економски политики засновани на докази. Се разговарало и за поддршката на Државниот завод за статистика за да одговори на потребите на евроинтегративниот процес.

Министерот Муртезани ја истакнал клучната улога на статистиката, не само во рамките на Поглавјето 18 од правото на ЕУ, туку и низ неколку други политички области. Тој нагласил дека статистиката е од витално значење за следење на економското управување, реформата на јавната администрација и институционалното усогласување со стандардите на ЕУ.

- На состанокот беше потенцирано дека Северна Македонија има направено значителен напредок во усогласувањето на својот статистички систем со стандардите на ЕУ, што е потврдено во различни извештаи на Европската комисија. Соговорниците ја подвлекоа потребата од понатамошни подобрувања, особено во однос на проширување на обемот и квалитетот на податоците за макроекономската и социјалната статистика. Двете страни ја потврдија својата посветеност за продолжување на соработката, во контекст на напредокот на Северна Македонија кон целосна интеграција во Унијата, се наведува во соопштението од Министерството за европски прашања.

02.10.2024 - 15:50

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега