Муртезани го потпиша Договорот за Инструментот за реформи и раст
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во име на Владата на Република Македонија го потпиша Договорот за Инструментот за реформи и раст, по неговото назначување за национален координатор за предметниот Инструмент. Овој Договор ги утврдува начелата на финансиската соработка помеѓу Европската комисија и Владата на Македонија и обврските и условите што земјата треба да ги исполни за ослободување на финансирањето преку Инструментот.
Во согласност со имплементирачката одлука на Комисијата од 23 октомври 2024 година, со која се одобрува Реформската агенда на Македонија, Европската Унија става на располагање вкупен финансиски придонес до 215.342.394 ЕУР како неповратна поддршка и вкупен финансиски придонес до 535.012.159 ЕУР како поддршка за заемот, кои ќе бидат ослободени по позитивна оцена за задоволително исполнување од корисникот на условите за плаќање утврдени во Реформската агенда.
Регулативата (ЕУ) 2024/1449 на Европскиот парламент и на Советот на ЕУ го воспостави „Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан“ за поддршка на процесот на проширување преку забрзување на усогласувањето со правото на ЕУ, забрзување на регионалната економска интеграција како и социо-економска конвергенција со Унијата. Се очекува Собранието на Република Македонија наскоро да го ратификува Договорот за Инструментот за реформи и раст со што ќе се ослободат вкупно 52,5 милиони евра, дел во форма на заем и дел во форма на неповратни средства.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа