Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изјави дека Македонија останува со јасна надворешнополитичка ориентација, но дека во овој момент нема услови за уставни измени.

Тој посочи дека такви услови можат да се создадат само преку градење меѓусебна доверба и институционални гаранции, додавајќи дека очекувањето за внесување на бугарското малцинство во Уставот треба да биде проследено со исполнување на обврските од меѓународното право од страна на Бугарија.

Муцунски истакна дека Македонија останува целосно посветена на европските реформи и нема алтернатива на европскиот пат, нагласувајќи дека постои интерес во ЕУ за раздвижување на процесот на проширување.

– Тука е најголемата грижа и исто така очекувањето дека соседна Бугарија, кога би очекувала ние да го внесеме бугарското малцинство во нашиот Устав, најмалку што би можело да направи е да си ги исполни своите обврски согласно меѓународното јавно право, односно тука мислиме на Европската конвенција за човекови права, рече Муцунски во изјава за медиуми пред почетокот на Бизнис форумот на ИТ компании, во организација на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и Здружението на информатички компании на Грција (СЕТПЕ). 

Во однос на односите со Бугарија, тој оцени дека дијалог мора да продолжи, но дека постојат отворени прашања поврзани со исполнувањето на Договорот за добрососедство.

За извештаите и оценките од Европската Унија, Муцунски рече дека државата останува фокусирана на реформи, и покрај критики во одредени области, при што дел од реформите се и позитивно оценети.

Exit mobile version