Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска и утре ќе учествува на 19. Дубровник форум, кој се одржува во Дубровник, Хрватска.
Во рамки на Форумот, Муцунски ќе биде еден од говорниците на панел-дискусијата „The EU and the Western Balkans: Resolving Unfinished Business Together“, посветена на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, актуелните предизвици и можностите за унапредување на соработката со Европската Унија.
Годинашниот Дубровник форум се одржува под мотото „The Age of Multipolarity: Many Decisions, One Future“ и ќе собере државни претставници, дипломати, експерти и претставници на меѓународни организации, кои ќе дебатираат за клучните глобални и регионални политички, безбедносни и економски прашања.
Форумот годинава има и јубилејно значење, бидејќи се одбележуваат две децении од неговото основање. Воедно, со оглед дека Хрватска во 2026 година претседава со иницијативите „Three Seas Initiative“ и „MED9“, посебен акцент ќе биде ставен на медитеранската безбедност, регионалната соработка и заедничките стратешки предизвици.
За време на престојот во Дубровник, министерот Муцунски ќе одржи и повеќе билатерални средби со министри за надворешни работи и други високи претставници кои учествуваат на Форумот.


