Нашиот неостварен стратешки приоритет е што побрзо отворање на преговорите и полноправно членство во Европската Унија, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во гостување во вестите на Алсат ТВ.

Муцунски нагласи дека државата континуирано ја следи дискусијата во рамки на европските институции и различните дебати поврзани со проширувањето. „Секако дека ја следиме дебатата, но во овој момент нашиот главен стратешки надворешнополитички приоритет е отворањето на преговорите за членство и што побрзо полноправно членство во ЕУ“, рече тој.

Од аспект на процесот на носење одлуки во Унијата, министерот објасни дека за евентуална промена на методологијата или правилата за проширување е потребен консензус. „Слушаме различни идеи како одредени земји или групи членки, па дури и Европската комисија, ја гледаат иднината на политиката за проширување. Но она што е јасно е дека, барем во овој момент, нема консензус за ниту едно од овие решенија“, додаде Муцунски.

Коментирајќи го односот на опозицијата, министерот истакна дека СДСМ како политички субјект нема кредибилитет да предлага политики во надворешната политика. „Станува збор за политички субјект кој го промени името на државата, вети уставни измени и направи национални отстапки со цел напредок кон ЕУ. Осум години подоцна, државата сѐ уште нема започнато преговори. Најдобро се гледа резултатот од нивната политика преку тоа што направиле и што постигнале“, заклучи Муцунски.

Тој додаде дека подобро би било опозицијата да се извини за грешките од минатото и да ја поддржи Владата во обидите да ја врати позицијата на национално достоинство.

Exit mobile version