Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на деловниот форум „Претворање на одржливоста во конкурентност: Градење отпорни бизниси во неизвесен свет“. Настанот беше организиран во соработка со Стопанската комора, Канцеларијата на постојаниот координатор на Обединетите нации и Делегацијата на Европската Унија.

Главни теми на дискусијата беа начините на кои македонските компании можат да ја зголемат својата конкурентност во услови на брзи геополитички, економски и технолошки промени на глобално ниво.

Муцунски преку социјалните мрежи упати порака за важноста од навремено препознавање на пазарните можности и инвестирањето во иновации.

Министерот ја потврди заложбата на ресорот со кој раководи за ставање на дипломатијата во функција на бизнисот.

Тој изрази уверување дека модерна економија може да се изгради исклучиво преку предвидливи политики и заедничка работа со бизнис-секторот.

Првиот човек на македонската дипломатија го образложи официјалниот став за градењето отпорна економија.

„Денеска учествував на деловниот форум „Претворање на одржливоста во конкурентност: Градење отпорни бизниси во неизвесен свет“, организиран од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Стопанската комора, Канцеларијата на постојаниот координатор на Обединетите нации и Делегацијата на Европската Унија. Разговаравме за тоа како македонските компании да бидат поконкурентни во услови на брзи геополитички, економски и технолошки промени. Денес повеќе не е доволно само да се одговори на предизвиците. Потребно е навреме да се препознаат можностите, да се инвестира во иновации, технологии и луѓе и да се создадат услови за одржлив раст. Како Министерство, остануваме посветени на развојот на економската дипломатија како практична поддршка за домашните компании, преку отворање нови пазари, привлекување инвестиции, промоција на извозот и градење нови економски партнерства. Убеден сум дека само преку силен јавно-приватен дијалог, предвидливи политики и заедничка работа со бизнис-заедницата и меѓународните партнери можеме да изградиме поотпорна, поконкурентна и помодерна македонска економија. Во неизвесен свет, најуспешни ќе бидат оние што навреме се подготвуваат за промените. Токму така се градат отпорни компании. Токму така се гради силна економија.“

Exit mobile version