Муцунски на средба со нерезидентни амбасадори: Унапредување на економската соработка


Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, вчера оствари средба со група нерезидентни амбасадори, акредитирани за нашата земја, со седиште во Софија. На состанокот присуствуваа амбасадорите на Мароко, Египет, Кувајт, Монголија, Грузија, Молдавија, Индија, Куба и Пакистан.

На средбата, министерот Муцунски ја истакна важноста од продлабочување на билатералните врски со овие земји, а беше разгледана и можноста од нивно резидентно дипломатско присуство, што би овозможило подиректна и поефикасна комуникација.

Истовремено, тој го нагласи огромниот потенцијал за унапредување на економската соработка со земјите претставени на состанокот. Фокусот на разговорите беше на потенцијалот за зголемување на трговската размена, директните инвестиции и економски партнерства во различни сектори.

Во тој контекст, акцентот беше ставен на енергетиката, инфраструктурата, прехранбената индустрија, информатичката технологија и автомобилската индустрија. При тоа, стана збор и за интензивирање на соработката во областите на културата, науката, образованието и туризмот.

Дополнително, беше истакната заемната заложба за поблиска соработка на меѓународните форуми, особено при справување со заеднички глобални случувања и предизвици.

Средбата беше одлична можност за потврдување на важноста од градење на партнерства и постави солидна основа за продлабочена соработка меѓу нашата држава и земјите присутни на состанокот преку нивните амбасадори.

13.09.2024 - 09:50

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега