На меѓународната конференција во Скопје посветена на институционалните лекции од трагичниот пожар во Кочани, министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски подчрта колку брзо може да се промени животот и важноста од заедничко стоење во наjtешките моменти. Настанот се одржа во деновите кога се обележува една година од трагедијата која беше голем удар за земјата и јасна порука за подготвеност и солидарност.

Муцунски истакна дека трагедијата го откри вистинското лице на дипломатијата и меѓународното соседство. „Во тие тешки денови се покажа вистинската сила на дипломатијата и меѓународната солидарност. Благодарение на брзата комуникација со нашите партнери, активирањето на Европскиот механизам за цивилна заштита и подготвеноста на многу држави да помогнат, нашите пациенти добија медицинска грижа во болници ширум Европа,” порача министерот. Тој упати искрена благодарност до владите, амбасадите, институциите и народите на пријателските земји кои без двоумење ја подадоа раката, како и до докторите и медицинските тимови кои спасија животи.

Министерот го нагласи значењето на пријателството во критични моменти. „Зад сите дипломатски напори и изрази на поддршка стоеја токму тие – луѓето кои со своето знаење, искуство и пожртвуваност спасуваа човечки животи. Пријателството во вакви моменти има посебна тежина. Тогаш најдобро се гледа кој е вистински пријател,” нагласи Муцунски. Тој заклучи дека иако Кочани ќе ја памети трагедијата, земјата ќе памети и дека „кога дојде темнината, нашите луѓе застанаа заедно, а пријателите застанаа покрај нас”.

Exit mobile version