Муцунски: Државата мора да има највисоки стандарди за функционирање на дипломатско–конзуларните претставништва

Преку внатрешна реорганизација на министерството воспоставуваме стандарди за ефикасност и даваме конкретни насоки за очекувањата од дипломатите и дипломатско-конзуларното работење, но дел од нив имаат обврска и самоиницијативно да произведуваат резултати во интерес на државата. Ова во вечерашниот централен дневник на Сител Телевизија го истакна го истакна Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Тој информираше дека впечатокот кој го добива е дека дипломатско–конзуларните претставништва се во лоша состојба, потенцирајќи дека нивната улога е да бидат присутни и да ги промовираат интересите на државата, притоа нагласувајќи дека дипломатијата е не само воспоставување соодветна структура во министерството за функционалност на директоратите, туку и активност на мрежата на дипломатско – конзуларните претставништва во промовирање на тоа што е „државен интерес“.

Тој во интервјуто истакна и дека се остварени консултации со три од вкупно четири повикани амбасадори, а роковите поврзани со консултациите се точно дефинирани во Законот за надворешни работи. Министерот Муцунски, притоа нагласи дека во случајот со амбасадорот Фрчкоски детектирани се сериозни индиции за злоупотреба на финансиски средства од негова страна, што е причина за неговото повикување на консултации во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

„Ние мораме да го штитиме буџетот и да воспоставиме повисоки стандарди на функционирање на дипломатско – конзуларните претставништва. Кога се финансиските пропусти во прашање, тие најчесто се јасни или ноторни, но спроведувањето на интерната процедура или интерна ревизија е тоа што ние мораме да го направиме, во насока на воспоставување највисоки стандарди за функционирање на дипломатско конзуларните претставништва“, истакна Муцунски во гостувањето.

Во случајот со амбасадорот Жерновски, министерот Муцунски информираше дека спорен е формално-правниот аспект на неговото стапување на функција и во таа насока министерството за надворешни работи и надворешна трговија започнува внатрешна постапка за истото да се потврди или отфрли.

Тој додаде дека во последниот период утврдени се идентификувани и дополнителни случаи на непрофесионално работење, а во таа насока најави нова стратегија за работа и нова кадровска и функционална структура на министерството.

На прашање поврзано со спроведувањето на „Преспанскиот договор“, Муцунски изрази надеж дека двете земји ќе изнајдат многу полиња и прашања околу кои ќе се соработува и врз основа на принципот на „Добра Верба“ ќе се се подобрат билатералните односи.

19.08.2024 - 21:13

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега