МПЦ-ОА се враќа во канонско заедништво, разговорите со СПЦ продолжуваат

МПЦ-ОА се враќа во канонско единство со другите православни помесни цркви. Вселенската патријаршија одлучи да ја признае Охридската архиепископија како канонска црква. Оваа одлука не значи томос за автокефалност, туку чекор кон конечно решавање на статусот на нашата црква, што сепак, по препорака на Фанар ќе се бара преку разговори со СПЦ.

Синодот на МПЦ-ОА изрази благодарност до вселенскиот патријарх Вартолемеј за одлуката на Цариград да ја признае црковната ерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет, со име се кое се потврдува вековниот црковен континуитет и најави продолжување на разговорите со СПЦ до уредувањето на конечниот статус на македонската црква.

– САС на МПЦ – ОА изразува најсрдечна благодарност на Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј за Патријаршискиот и Синодален акт за канонско и евхаристиско единство на нашата ерархија, при што, прифаќањето е со еклисиолошкото име со што се обезбедува вековниот црковен континуитет. Истовремено ја известуваме јавноста дека продолжуваат разговорите со Српската православна црква до уредувањето на конечниот статус на нашата Црква, како и по препорака на Цариградската Патријаршија, која во рамките на светоканонскиот чин и црковно предание треба да се уредат управните прашања помеѓу двете цркви, соопшти САС на МПЦ-ОА по вчерашната вонредна синодска седница.

Одлуката на Вселенската патријаршија ја поздравија и државните власти. Претседателот Стево Пендаровски упати честитка до поглаварот на МПЦ-ОА, митрополит скопски, aрхиепископ oхридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан по повод признавањето на каноничноста на Охридската Архиепископија од страна на Вселенската патријаршија. 

– Со оваа важна одлука се исправа долгата историска неправда нанесена врз нашата Црква и нејзините верници и се исцелуваат длабоките рани поради децениите изолација со кои се соочи возобновената Охридска Архиепископија. Примајќи ја нашата Црква во евхаристиско општење, Вселенската патријаршија ги избриша вештачки создадените поделби и го отвори просторот за градење на духовно единство на православните верници. Со ваквиот чекор, патријархот Вартоломеј и Вселенската патријаршија не само што ја препознаваат реалноста на нашата жива православна Црква, туку го признаваат и нејзиниот историски континуитет со древната Охридска Архиепископија, која низ вековите била прибежиште и извор на духовна сила и надеж за православните верници, се вели во честитката на шефот на државата.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера на средба со  Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, ја оцени како историски чекор со кој се признава вековното постоење на МПЦ-ОА како наследничка на древната Охридска архиепископија.

 

Оваа историска одлука, според Ковачевски, е донесена по интензивна комуникација на оваа генерација архијереи на МПЦ-ОА со Вселенската патријаршија, во што свој придонес дадоа и претставници на Владата на Северна Македонија.

11.05.2022 - 09:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега