Британскиот премиер Кир Стармер предупреди дека „јавното здравство не е културолошка војна“ и ги повика родителите да проверат дали ги вакцинирале своите деца по појавата на морбили (мали сипаници) во северен Лондон, каде што заразата се шири низ училиштата.
Во градската општина Енфилд, од 1 јануари до 9 февруари се потврдени 34 случаи, што е повеќе од една третина од вкупно 96 случаи регистрирани во Англија оваа година, пишува Скај Њуз.
Според податоците од локалната амбуланта, едно од пет деца заразени во неодамнешната епидемија морало да биде хоспитализирано, а „сите тие деца не биле целосно вакцинирани“. Заразата е потврдена во најмалку седум училишта во општините Енфилд и Харингеј, а лекарите предупредуваат дека болеста се „шири“.
– Загрижувачки е да се гледаат сè повеќе деца кои заболуваат од морбили – изјави Стармер.
„Вакцините се безбедни, ефикасни и можат да спасат животи. Ги повикуваме сите родители да проверат дали нивните деца ги примиле сите препорачани вакцини“, напиша Стармер на Х.


