МОН реконструира две основни училишта во Брвеница
Во општина Брвеница започнале реконструктивни активности во две основни училишта, финансирани од Министерството за образование и наука. Станува збор за основното училиште „Кочо Рацин“, кое целосно ќе се обнови, односно ќе се замени кровот, фасадата, внатрешните врати и подови, соопштија од МОН.
Во соопштението се посочува дека е ова прва инвестиција откако е изграден објектот во 1958 година и ќе биде заокружена за шест месеци. Второто училиште е „7ми Март“ кое ќе добие нова фасада, пред 1 септември.
- За двете инвестиции кои се дел од годинешниот акциски план за реконструкција на училишта и подобрување на условите за настава во основните и средните училишта, Министерството за образование и наука одвои околу 25 милиони денари, стои во соопштението.
Сите ученици и наставници, се додава, заслужуваат современ и модерен образовен процес, кој подразбира не само подобрување на наставните планови и програми кои етапно се заменуваат, туку и подобрување на условите во кои се изведува наставата. А токму со ваквите инвестиции, се вели во соопштението, потврдуваме дека подобрувањето на образовната инфраструктура претставува еден од приоритетите на кои Министерството за образование и наука интензивно се посветува.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа