МОН: Просечна оценка 3,25 на државната матура, до година со уште позаострени мерки против препишување

 

Просечната оценка која ја постигнаа средношколците на државната матура годинава е 3,25. Споредбено со минатите години, постои намалување (3,65 во 2023 година, 3,78 во 2022 година и 3,61 во 2021 година) кое, според Државниот испитен центар како надлежна институција за спроведување на процесот е резултат на заострените мерки при полагањето кои овој пат беа преземени.

Вкупно 14.834 пријавени кандидати, на 1 јуни го полагаа задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик, додека на 8 јуни се полагаше изборниот предмет, а тестирањето се спроведе во холовите и спортските сали на училиштата, заради поголема прегледност и контрола на набљудувачите над учениците.

Резултатот е, информираше директорката на Државниот испитен центар Билјана Михајловска – откриени 49 ученици кои за време на решавањето на тестовите користеле мобилен телефон, додека 4 ученици се фатени како препишуваат решенија по претходно добиени одговори на поставените прашања. При оценувањето на тестовите, оценувачите детектирале 175 ученици кои препишувале на тестовите, како и 22 плагијати. На 268 ученици на кои им е изречена мерката поништување на испитот ќе можат повторно да полагаат во августовскиот испитен рок.

Како што рече Михајловска, најголем број на прекршување на правилата за полагање на Државната матура се констатирани во СЕПУГС „Арсени Јовков“ – Скопје вкупно 32, потоа во СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ – Скопје каде се изречени 18 мерки, во СОУ „8 Септември“ – Тетово има 14 изречени мерки, по 13 мерки за прекршување на правилата на тестирањето се изречени во СОУ „Методија Митевски – Брицо“ – Скопје и ЦСНО „28 Ноевмри“ – Дебар. Во СУГС „Цветан Димов“ – Скопје се изречени 12 мерки за остранување од процесот на полагање на Државната матура.

Честитајќи им на учениците кои успешно ја завршија матурата и го потврдија стекнатото знаење во средното образование, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, истакна дека согласно законските прописи во земјава, па и во многу други држави, дипломата е предуслов за упис на факултет.

За следната година вети две новини кои ќе помогнат за подобра организација на полагањето на државната матура и како што рече, ќе се обидеме да немаме препишувања и други противзаконски, неетички и неморални дејства и на учениците и на тестаторите и набљудувачи.

„Ќе инсистирам полагањето на Државната матура да се реализира во амфитеатрите и други простории на јавните факултети каде има блокатори и друга технологија која ќе оневозможи користење на комуникациски уреди за време на полагањето, затоа што најчесто, поединечни и масовни препишувања се случуваат преку примена на мобилни телефони и други уреди на кои има инсталирани апликации за комуницирање“, истакна Јаневска.

Втората мерка се однесува на измена на правилниците за полагање државна матура, од аспект на подигнување на одговорностите на лицата кои се вклучени во процесот.

„Мора да постојат санкции за набљудувачите, тестаторите и за сите они ги делат просториите со учениците што полагаат, а прават пропусти и жаргонски кажано – замижуваат пред некоректни активности од страна на учениците“, додаде  министерката.

 

05.07.2024 - 11:20

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега