Министерството за образование и наука (МОН) реагираше на соопштението на политичката партија Левица, обвинувајќи ја дека манипулира со информации и ја доведува јавноста во заблуда преку погрешно толкување на ревизорски извештај за работењето на Министерството во 2023 година.
Од МОН посочуваат дека извештајот на кој се повикува Левица се однесува на периодот кога со Министерството раководела претходната Влада, а не на актуелното раководство. Според Министерството, сегашниот менаџмент работи одговорно и транспарентно и веќе постапува по препораките наведени во ревизорскиот извештај.
Во реакцијата се наведува дека неодамна Министерството објавило дека започнува со спроведување на една од препораките на Државниот завод за ревизија, која се однесува на промена на моделот за финансирање на студентските домови. Од МОН тврдат дека токму тогаш Левица се спротивставила на таквата мерка, додека денес бара нејзино спроведување.
Министерството дополнително ја обвини партијата дека пласирала неточни информации и во врска со студентските стипендии, наведувајќи дека не е намален нивниот број.
Во соопштението се истакнува дека Владата обезбедила рекорден буџет за образованието и науката во тековната година, а средствата се распределуваат преку нови модели на финансирање, инфраструктурни инвестиции и зголемена поддршка за високообразовните и научните институции.
„Работа на опозицијата е да критикува, но не и да лаже“, наведуваат од Министерството, упатувајќи повик до Левица наместо критики преку социјалните мрежи да предложи конкретни проекти за унапредување на образованието.
Од МОН порачуваат дека кон општото добро се придонесува со конкретни резултати и реализирани политики, а не со, како што велат, невистини и манипулации.


