МОН: Апсурдно е да се протестира против напредок во образованието - промените мора да се случат

Министерството за образование и наука вели дека причината за денешните протести против реформите во образованието се неоправдани.

Во соопштението испратено од МОН се вели дека е апсурдно да се протестира против дигитализацијата на образованието.

-Министерството за образование и наука целосно го легитимира правото на протест на граѓаните, затоа што е уставно загарантирано. Но сепак, причината поради која се користи ова право, не е оправдана. Апсурдно е да се протестира против дигитализација на образованието, ако се има предвид дека тоа е глобален процес кој се случува во голем број земји во светот, а Северна Македонија мора да фати чекор со современите трендови и да се приближува кон стандардите за квалитет на образование, кои ги наметнуваат развиените општества. Промените мора да се случат. Новините се предизвик за сите, но од нив не треба да се откажуваме, туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на нивно интегрирање во системот, се вели во дописот од МОН.

Според Образование, Законското решение е во целосна согласност со времето и ерата на ИТ технологијата во која живеат младите.

-Новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали ќе ги донесе европските практики во нашите училишта, а придобивките од истиот, согласно планот за имплементација на реформите, етапно ќе стануваат достапни за учениците од различни одделенија во следните 5-6 години. Во меѓувреме, до усвојување на законот секој има можност за учество во негово подобрување преку конструктивни сугестии и забелешки, кои МОН како и досега со должно внимание ќе ги разгледува, земајќи го предвид најдобриот интерес на учениците. Законското решение во кое е дефинирана етапната дигитализација на материјалите за учење, ќе обезбеди поголема интерактивност, намалување на учењето во домашни услови, а воедно и инклузивност, имајќи предвид дека учебниците ќе бидат достапни во аудио формат, но и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид. Всушност, ова е првиот недискриминирачки Закон за учебници кој ќе биде донесен во државата.  Преку поставување на повеќе филтри низ постапката за изработка и усвојување на учебниците, а воедно и со вклучување на граѓанскиот сектор во целиот процес се елиминира веројатноста за појава на несоодветни содржини и грешки од било каква природа. Во учебниците се воведуваат теми од областа на мултикултурализмот, толеранцијата, почитување на различностите како вредности кои мора да ги поседува секој европски и граѓанин на современо општество. Можноста за ажурирање на учебниците секоја година, пак, значи дека повеќе ќе нема да се применуваат учебници со застарена содржина, се вели во дописот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

15.05.2021 - 14:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега