Младата тетовчанка која почина од коронавирус имала хронична болест: Состојбата и била под контрола
Младата 24 годишна пациентка која минатата недела почина од коронавирусот, навистина претходно имала хронично заболување, но болеста веќе долг период наназад и била ставена под контрола, така што таа за неа веќе не примала терапија, дознава „Фактор“.
Извори за „Фактор“ велат дкеа тоа не би требало да значи дека ова претходно хронично заболување не би требало да се третира како коморбидитет и да се смета дека тоа било причина за таа да почине поради компликациите од КОВИД-19.
Како што информира порталот, во здравствениот картон на младата пациентка Р. Имери постоела дијагноза за системско заболување, но долги години неа не и била препишувана терапија, бидејќи болеста била во ремисија. Односно, таа се третирала како оздравена.
Хроничните болести, кога влегуваат во ремисија кај пациенти, нема потреба од терапија затоа што болеста е ставена под контрола.
А, Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведе истрага за случајот на младата пациентка од Тетово.
Тие велат за Фактор дека не констатирале недостатоци кои се во нивна надлежност. Но, со оглед што тие немаат надлежност за стручното работење на здравствените работници, поднеле иницијатива до Министерството за здравство, за тие да го направат стручниот надзор.
Оттаму велат дека по објавената информација во електронските медиуми за починатата пациентка Р. Имери од Тетово, на 13 јули 2020, државните санитарни и здравствени инспектори извршиле вонредни инспекциски надзори во приватната здравствена ординација за општа медицина „Др. Анифи“ во Тетово, каде што првично се лекувала девојката, потоа во Клиничката болница во Тетово, како и на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.
„Од извршениот увид во медицинската документација и здравствената евиденција во приватната ординација ‚Др Анифи“, Клиничка болница Тетово, односно инфективното и интерното одделение, како и Клиниката за инфективни болести, каде се прегледани индивидуалниот здравствен картон, медицинскиот и електронски дневник, извештаите од извршени прегледи од специјалиси и субспецијалисти, истории на болест и дијагностички испитувања, не се констатирани недостатоци во надлежност на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Со оглед на фактот дека ДСЗИ нема надлежности во стручниот дел на работата на здравствените работници, согласно член 296 од Законот за здравствена заштита, до Министерството за здравство е поднесена иницијатива за да се изврши стручен надзор“, велат за Фактор од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа