Мизрахи: Филипче се дави во калта - неговиот прес е безмалку бесрамен
Венко Филипче како поранешен министер за здравство во владата на СДС, а сега како претседател на СДС продолжи да тоне во калта уште подлабоко. Филипче денеска на прес-конференција побрза да се правда, но несмасно. Заглавен до гуша во скандалот Онкологија неговиот прес е безмалку бесрамен.
Вака пратеничката Рашела Мизрахи одговори на денешната прес-конференција на првиот човек на СДСМ, Венко Филипче. Вели, тој директно или индиректно во неговото работење дозволил системски башибозук и непочитување на шеесетина законски одредби.
-Тоа се шеесетина дејствија спротивни на законите. Тоа се шеесетина дејствија со директно влијание по животите на пациентите. Господине Филипче, се чини дека во паниката во која се наоѓате го заборавивте и се надевам дека го заборавивте, а не дека не го познавате Законот за здравствена заштита, па оттаму и вашата прес-конференција на која ме прозивате е во тотален хаос. Господине Филипче, извештаите од институциите доставени до Министерството за здравство во периоди од 6 месеци се согласно член 110 од Законот за здравствена заштита и се доставуваат од директорот на установите. Стручните комисии господине Филипче ги формира министерот и немаат никаква врска со шестмесечните извештаи, инаку тие се согласно членот 226 б, ако ве интересира, рече Мизрахи.
Според неа, тој треба самиот да признае дека немало воспоставен систем, немало регистар и немало следливост на онколошката терапија.
-Да ве потсетам, господине Филипче дека согласно членот 295 надзор врз здравствените институции врши министерот и оттука следи неговата директна одговорност. Да ве потсетам исто така господине Филипче дека за време на анкетната комисија вие некако на ништо не се сеќававте, затоа сакам директно да ве прашам: Дали единствената цел на вашата прес-конференција беше само срамно да се брани профитот на веледрогериите кои ги уценуваат здравствените институции со години. Тоа се истите оние веледрогерии кои преку уцените до здравствените институции ги крадат и во џеб на поединци ги ставаат парите на сите граѓани. Господине Филипче треба час поскоро да признаете наместо да се давите во кал дека немало воспоставен систем, дека немало регистар, дека немало следливост на онколошката терапија, дека немало ништо освен системски башибозук, вели Мизрахи.
Според неа, претходното раководство оставило долг од 12 милиони евра на Клиниката за онкологија.
-Ако господинот Филипче не сака да верува во фактите ние ќе го потсетиме дека тие оставија долг од 12 милиони евра на Клиниката за онкологија, како и по неколку онколошки кризи меѓу кои и онаа познатата од септември 2023 година. Го информираме Филипче дека денес институциите ги адресираат и веќе работат на отстранување на недостатоците кои претходната влада на СДС и тој како министер во истата ги оставија под зад себе. Филипче мора да сфати дека ако тој како министер за здравство и претходната влада предводена од СДС мислеа барем малку на пациентите немаше да ја имаме состојбата што ја оставиле зад себе денес. Господине Филипче бегање од одговорност нема да има, рече таа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа