Митева: Во Македонија со ДУИ и СДС најскапо е и косењето трева, институциите да постапат веднаш
Јавното претпријатие за државни патишта под власт на ДУИ и СДС плаќа најскапо косење на трева во регионот. Ова јавно претпријатие за договор за косење на трева на македонските патишта одвојува 2 милиони евра, а цените по кои ги тарифира поединечните услуги се неколкукратно поскапи од тие во регионот, обвини портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева.
„За потребите на оваа прес конференција направивме споредба на договор за одржување на патишта и косење на трева во соседна Србија. Цената која ја плаќа Јавното претпријатие за државни патишта за косење на м2 тревна површина според овој договор е 12 денари. Цената пак која за м2 ја плаќа српското претпријатие за патишта е еквивалент на 2 и пол денари, додека пак косење на трева на површини со тежок пристап, околу патни знаци и околу заштитна ограда е еквивалент на 5 денари. Кога ќе се извади средната вредност се доаѓа до цена на нешто под 4 денари за м2, односно 3 пати помалку во однос на тоа што го плаќа Јавното претпријатие за државни патишта.
Таа праша на што се должи 3 пати повисоката цена која ја плаќа Јавното претпријатие за државни патишта во Македонија во однос на цената која се плаќа во Србија за косење на м2 тревна површина покрај патот.
„Како може за една услуга во Македонија нашите претпријатија да плаќаат три пати повеќе од тоа што плаќаат исти такви претпријатија во регионот? Воедно, во Македонија оваа власт на ДУИ и СДС плаќа дупло за една иста работа, на активен договор за реализирање на оваа работа од страна на една институција тоа е „Македонија пат“, друга државна институција Јавното претпријатие за државни патишта склучува нов договор со друга фирма вреден 2 милиони евра.
Одговорот на овие прашања треба да биде предмет на истрага, која ЈО мора да ја отвори, а не да чека со денови ВМРО-ДПМНЕ и јавноста да алармираат.
Неконтролираното трошење на народни пари преку тендери со преплаќање на услугите е првиот знак за корупција, и оттука очекуваме реакција и од ДКСК, но и од сите други институции кои имаат надлежност. Одговорност мора да има!“ порача Митева.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа