Митева: Екотип донираше милион евра за филтри за воздух, ќе бидат распределени во градинки, училишта и болници

 


Денес и формално, Владата потпиша договор за донација на 255 системи за филтрација на воздух со ЕКОТИП ДООЕЛ Скопје, компанија лидер во областа на филтрација на воздухот во вредност од 1.000.000 евра. Овие уреди, кои ги донира ЕКОТИП ДООЕЛ Скопје, како долгогодишен партнер на реномираниот германски производител MANN & HUMMEL ќе бидат распределени во градинки, училишта, болници и други критични јавни установи, каде што квалитетот на воздухот е од клучно значење, информира Марија Митева, портпаролка во Владата.

„Загадувањето на воздухот останува еден од најсериозните еколошки и здравствени предизвици во Македонија. Во контекст на напорите на Владата во преземањето значајни мерки за намалувањето на загадувањето на воздухот преку капитални проекти, како Влада активно работиме на долгорочни стратегии и решенија за намалување на загадувањето, преку инвестиции во одржливи енергетски решенија, зголемена контрола на емисиите и поддршка на зелени технологии. Сепак, додека спроведувањето на овие мерки бара време, ваквите брзи и ефикасни донации од приватниот сектор се од суштинско значење за заштита пред се на здравјето на граѓаните. Сепак, успехот во оваа област зависи од заедничките напори на сите сектори. Затоа како Влада особено го истакнуваме значајниот придонес на приватниот сектор, како што е оваа донација од 255 системи за филтрација на воздухот во вредност од 1 милион евра“, посочува Митева и додава:

„Дозволете ми дополнително, во име на Владата да истакнам дека безрезервно ја цениме и посетата на претставниците на реномираниот производител MANN & HUMMEL, кои заедно со тимовите од Владата и ЕКОТИП ДООЕЛ Скопје ќе продолжат да ги разгледуваат можностите за понатамошна соработка во рамките на долгорочни и можности за дополнителни одржливи решенија. Се надеваме дека овој пример ќе послужи како инспирација за други компании да се вклучат да придонесат во заедничката борба за почист воздух и се разбира поздраво општество. Ние како Влада остануваме и понатаму посветени при преземање на активности против аерозагадувањето.“

19.02.2025 - 13:13

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега