Мисајловски: Владата и Заев да одговорат зошто тајно е сменет членот на историската комисија

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска побара од премиерот Зоран Заев и од Владата да одговорат, како што посочи на прес-конференција потпретседателот на партијата Владо Мисајловски, за „тајната смена“ на уште еден член на Комисијата за историски и образовни прашање која е вклучена во разговорите со Бугарија и дали тоа не е вовед во ново попуштање од наша страна.

-Зоран Заев далеку од очите на македонската јавност, смени член на историската комисија со Бугарија. Воедно, министер од владата на Бојко Борисов јавно соопшти дека во игра бил анекс на постојниот договор од 12 точки. До ден денешен, нема информации за демант од македонската Влада и МНР за оваа негова изјава, што нам ни дава за право да заклучиме дека Заев преговара за анекс на Договорот, во кој многу веројатно дека се вклучени елементи од нашиот идентитет, историја и јазик, рече Мисајловски на прес-конференција.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека премиерот Заев должи одговори на прашањата зошто е сменет членот на историската Комисија и дали со тоа се прави директен притисок и врз останатите „за прифаќање на историските невистини“.

– Дали Заев сака од Комисијата наместо историски орган, да направи политички орган кој ќе одлучува по негова логика и онака како што тој ќе се испазари? Дали поради тоа што не може да ја убеди бугарската страна сега менува членови на Комисијата кои даваат отпор на историските невистини и менувањето на идентитет за кој Заев преговара? Дали ова е казна затоа што ја бранеле вистината? Владата и Заев да одговорат дали тајната смена на членот на историската комисија, не е притисок врз одлучувањето и увертира во ново попуштање на сметка на интересите на Македонија. Зошто се крие смената на членот на Комисијата, рече Мисајловски.

Од ВМРО-ДПМНЕ повторија дека историјата и науката се јасни и дека не смее да има чепкање во македонскиот идентитет, јазик и историја. Тие апелираат и до членовите на Комисијата, како што рече Мисајловски, „да не се претвораат во маша на Заев“.

– За тоа што ќе ги натера да се потпишат, тој дебело ќе се испазари. Историските комисии треба да преговараат необременети од политички притисоци, а идентитетските обележја не смеат да бидат на маса на преговори, рече Мисајловски. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.01.2021 - 12:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега