Министерство за здравство: Значително подобрени условите за престој на пациентите во Клиниката за психијатрија
Во рамки на активностите на Министерството за здравство за унапредување на условите во здравствените установи, во Клиниката за психијатрија во текот на изминатите три години се направија повеќе реконструкции и унапредувања за подобрување на условите за престој на пациентите.
Од Клиниката велат дека исклучително е важно пациентите да имаат добри услови за престој, со оглед на тоа што дел од нив престојуваат и подолг временски период, а за подобрување на целокупната здравствена состојба тоа е од неизмерна важност.
„Клиниката за психијатрија значително ги промени условите и истата е целосно реновирана во изминатите три години, со целосна дигитализација и климатизација, опремена е со нов мебел за пациентите и амбулантите. Целосно е реновиран и амбулантскиот дел и опремени се со нова опрема. Извршена е и реконструкција на покривот на болницата, а направени се и подобрувања во околината на клиниката.
За првпат од отварањето на Клиниката за психијатрија во 1993 година, по 27 години, старите рѓосани кревети се заменети со 45 нови со удобни душеци. Во текот на летниот престој на пациентите сега истите можат да го поминат времето и надвор на свеж воздух на неколку локации околу Клиниката каде се поставени нови клупи.
Дополнително, во изминатиот период воведени се нови методи за третман на пациентите и најсовремена антипсихотична терапија. Воедно, преку Европски програми (Horison 2020), Клиниката за психијатрија е вклучена и во научно истражувачки проекти.
Грижата за пациентите со апликација на подобар и посовремен третман е она што секогаш придонесува до успех во подобрување на добросостојбата на пациентите. Во изминатите три години Министерството за здравство ги унапреди условите на повеќе од 30 јавно здравствени установи со што пациентите добиваат подобри услови и здравствени услуги, а здравствените работници подобри услови за работа“, стои во соопштението на Министерството за здравство.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа