Министерство за финансии: Минималната плата има раст од 12,55 %

Одржлива и долгорочна методологија заснована на објективно дефинирани критериуми е решението кое го бараме за платите на вработените во целиот јавен сектор. Веќе се работи на Законот за плати во јавниот сектор, кој е објавен на ЕНЕР и е на јавна расправа. Решението на ова прашање со платите ќе го бараме заедно со партнерите во Економско социјалниот совет, синдикатите и работодавачите, информираат од МФ во соопштение до медиумите.

Во моментов се работи да се најде одржливо системско решение кое ќе се однесува на целиот јавен сектор, по примерот со минималната плата и пензиите. Во Законот за службеници во државната администрација се воведе методолодија со која минималната плата е внесена како основна компонента во платата на државната администрација и врз основа на тоа платите на сите вработените во државната администрација се зголемуваат согласно утврдените критериуми за раст на минималната плата. Тоа се однесува на вработените опфатени со овој закон, додека кај другите растот на платите е регулиран со колективни договори.

Станува збор за системско решение за платите на вработените во јавниот сектор, врз основа на утврдени критериуми, кои одговараат објективно на состојбите. Такво решение беше постигнато за растот на минималната плата и пензиите. Така согласно ова решение, во иднина секоја година во март врз основа на дефинираните критериуми, раст на трошоците на живот и раст на просечната плата, ќе се утврдува растот на минималната плата. Тоа е воспоставен систем, инкорпориран во Закон и кој ќе се имплементира во пракса.

Така со воведеното системско решение од овој месец минималната плата има раст за 2.175 денари или 12,55 % во однос на март минатата година. Раст има и просечната плата на вработените во државата, која достигна  34 илјади денари и има раст над 13 %. Податоците објавени од Државниот завод за статистика  регистрираат раст на просечната нето плата во скоро сите дејности. Во преработувачката индустрија има раст на платите од околу 16 %, градежништвото 20 %, трговија 12 %, транспорт 23 %, информации и комуникации 17 %, финансиски дејности и осигурување 9 %, административни и помошни услужни дејности 13 %, јавна управа и одбрана 6 %, образование 15 %, здравство и социјална заштита 5 %, уметност, забава и рекреација 13 % при тоа во креативните, уметничките и забавни дејности просечната плата бележи раст од 17,8% и изнесува близу 38 илјади денари, додека во областа библиотеки, архиви, музеи, и останати културни дејности просечната плата има раст од 15,5 % и изнесува околу 35 илјади денари, велат оттаму.

Оваа Влада презема мерки за раст на платите и заштита на стандардот на граѓаните. Минатата година се зголемија платите во основно и средно образование за 15 %, во градинките за 15 %, високо образование за 7 % (дополително во 2021 година имаше раст од 8 %), во култура во 2022 година има раст на платите од 18 %, судство 15 %, полиција 5 % и други, додаваат од МФ.

24.03.2023 - 13:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега