Министерот за правда Игор Филков по повод Меѓународниот ден на жената – International Women’s Day упати поинаква честитка на социјалните мрежи, споделувајќи дел од обраќањето на претседателката Гордана Сиљановска‑Давкова.

Наместо традиционална празнична порака, Филков на својот Фејсбук профил објави видео од говорот на претседателката, во кој таа зборува за положбата на жените, растот на семејното насилство и потребата од посилен институционален одговор.

„Жените не очекуваат привремена, празнична галантност, врзана за празничниот ден, туку трајна сигурност што произлегува од стабилен, функционален и правичен систем“, порача претседателката во своето обраќање.

Во говорот таа предупреди и дека е „страшно секој 8 Март да се бројат нови жртви и да се повторуваат истите брутални статистики за семејно насилство“, потенцирајќи дека зад бројките стојат трагични човечки приказни и институционални пропусти.

Со споделувањето на видеото, министерот за правда го одбележа празникот насочувајќи внимание кон пораките за заштита на правата на жените и потребата од поефикасна реакција на институциите.

Exit mobile version