Министерката за финансии: Во март 2025 пак ќе ги зголемиме пензиите

 

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска информира дека пензиите ќе се зголемат линеарно за 2.500 денари во март, а се уште е неизвесно какво ќе биде коригирањето во септември в година.

Таа вечерва во интервју за „360 степени“ на прашањето чии плати во јавниот сектор ќе растат во 2025 година, освен во ресорот образование, одговори дека друг таков сектор е здравство, иако таму сè уште се чека постигнување конечен договор.

Димитриеска-Кочоска е на ставот дека треба да пораснат платите на средномедицинскиот персонал, но треба да се направат промени и кај општите лекари, бидејќи тие се со пониски плати.

-Стојам уште на ставот за раст на платите на средномедицинскиот персонал, со тоа што треба да се види генерално во делот на општите лекари. Тие се малку со пониски плати. И за капитацијата треба да се види и други работи да се променат. Зборувам за младите лекари кои завршуваат и се вработуваат, рече министерката.

Како што рече, веќе е во процедура најавеното вработување на околу 600 специјализанти.

Прашана за медицинските работници кои со години работат со договор на дело, за кои министерот за здравство Арбен Таравари рече дека се околу 2 500, Димитриеска-Кочоска одговори дека таа располага со помала бројка и дека за нив ќе треба да реши Фондот за здравствено осигурување.

Димитриеска-Кочоска информираше дека пензиите во март ќе бидат линеарно покачени за 2.500 денари. Но, нејасно е за колку ќе бидат зголемени во септември 2025 година.

-Не сме одлучиле, јас стојам на ставот дека треба повторно да биде линеарно, колку и да излезе зголемувањето на вкупниот износ, ќе се распредели по пензионер. Но, ќе биде под 2.500 денари затоа што параметрите кои се преземаат во пресметката се многу ниски, додаде министерката.  

11.11.2024 - 21:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега