Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше и се обрати на kick-off настанот на проектот PULSE и Мрежата на жени на ЕВН Македонија, каде силно ја поддржа иницијативата за зајакнување на родовата еднаквост и инклузивноста во енергетскиот сектор. Во своето обраќање, министерката истакна дека енергетската транзиција е и длабоко социјален и економски процес, во кој вклученоста на жените е клучен предуслов за успех.

„Енергетиката е ’рбетот на државата, а жените се нејзиниот неискористен интелектуален мотор. Ако исклучиме половина од човечкиот потенцијал, ние веќе сме во енергетски дефицит“, порача Божиновска. Таа нагласи дека нов систем не може да се изгради со стар менталитет и дека одржливата енергетска транзиција бара жени таму каде што се носат одлуките, се водат проектите и се распределуваат ресурсите.

Министерката потсети дека енергетскиот сектор глобално поминува низ најдлабоката трансформација во својата историја – од декарбонизација и дигитализација, до интеграција на обновливи извори и паметни мрежи – процеси кои бараат нови вештини, аналитичност, иновативност и флексибилност, токму оние квалитети каде жените можат и треба да имаат водечка улога. Како значаен показател за напредокот, Божиновска посочи дека за првпат во 2024 година капацитетот на соларната енергија во земјава го надмина оној на хидроенергијата, што претставува огромен успех за зелената агенда, но и сериозен инженерски и менаџерски предизвик за дистрибутивната мрежа.

„Модерната енергетика бара лидерство што знае да води промена и култура што знае да задржи талент. Различноста не е прашање на правичност, туку предуслов за прагматични и издржливи решенија“, истакна таа. Министерката се осврна и на постојните бариери за напредок на жените во секторот, посочувајќи дека тие не се резултат на недостиг на самодоверба, туку на застарени корпоративни модели и нефлексибилни системи што не ги препознаваат и вреднуваат нивните лидерски вештини.

Exit mobile version