Милошоски за изјавите на холандскиот амбасадор: Македонските граѓани требало „да го затнат носот и да го голтнат“

 

„Заедничките цели за продлабочување на соработката и за забрзување на интеграцијата на Македонија во ЕУ не би требало да е причина за ничија дрскост, а особено не на дипломат од угледна европска држава. Но, кога во разговорите со повеќе локални политичари ќе се навикнете на нивна сервилност, тоа ви доаѓа како допинг за егото, па од дипломат станувате камшикар и без почит кон народот делите цинични лекции што ‘мора да се проголта, иако смрди’“, пишува пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на „Фејсбук“.

Тој смета дека „вака би можела да се квалификува изјавата на холандскиот амбасадор Коп за тоа дека македонските граѓани требало – внимавајте – „да го затнат носот и да го голтнат“ невкусното барање за уставните измени по диктат на Софија. Во спротивно ќе се случела кочница?!“

„И тука се согласувам со холандскиот експерт за европски политики, Рајнер Јарсма, кој заклучува дека ваквиот настап на амбасадорот Коп е ироничен доколку се знае дека токму Холандија беше една од земјите што најмалку еднаш ги одложи пристапните преговори на Македонија со ЕУ, уште пред Бугарија да ги испорача невкусните барања. Уште еден холандски дипломат, познавач на регионот и политички консултант, Ханс ван ден Берг, дури смета дека да не биле двојните стандарди од Франција, Холандија и Данска и доколку официјално Скопје го добиело истиот третман како Бугарија, Хрватска или Романија, дека Македонија денес веќе ќе беше внатре во ЕУ“, стои во објавата на Милошоски.

„Наместо одмерена и јасна дипломатска порака, оваа негова изјава личи на навреда на интелигенцијата на еден мал европски народ, кој си го бара своето место под сонцето. Некоја држава е поголема, друга е помала, но тоа на никој дипломат не му дава право со недолични изјави да ги прикрива неискрените ставови на неговата држава во врска со проширувањето на ЕУ“, дециден е пратеникот.

10.02.2023 - 11:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега