Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во интервју на „Тема на денот“ во Дневникот на Сител говорејќи за случајот со Артан Груби и реакциите од јавноста истакна дека го разбира незадоволството на граѓаните и истите ги поддржува, додека во однос на нападите од опозицијата за договор, запраша зошто би се договарал со некој кој жестоко го напаѓал.

„Ја следам дебатата којашто се случува овие 2-3 дена околу случајот Груби и отприлика тоа што можам да го слушнам и прочитам и на социјалните медиуми, но и оние пораки кои до мене стигаат е следново, имаме со право револтирани граѓани коишто во колективната своја меморија се уште ги имаат оние слики од минатото кога се нарачува судски процеси, луѓе се ставаа во притвор па се вадеа по потреба, се сеќавате за уставните измени како луѓе преку ноќ се ослободуваа за да влезат во Парламент и гласаат. Нема да ги коментирам сите оние снимки кои се појавуваа во јавноста како одредени високи функционери на претходната влада нарачуваат судски процеси во Врховниот суд и во другите судови, така што апсолутно ги разбирам граѓаните и ги поддржувам“, вели премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски додаде дека втората група се оние прокси ботови на опозицијата коишто се обидуваат на оправданиот револт на граѓаните да се качат и да го засилуваат и да јаваат и тоа не може да се оправда.

„Тука најчесто тие обвинуваат со тезата постои договор меѓу владата и Груби. Сега ајде објективно да го изанализираме, затоа што едно е политика, а друго е реалност. Најпрвин се сеќавате водеа кампања дека владата го пуштила Груби да избега, потоа кога тој се појави на граничниот премин Блаце водеа кампања дека владата ја спасува ДУИ, за да на крај кога обвинителството и судот одредија мерка куќен притвор, велат дека ова е по налог на пактот кој го склучила владата со Груби. Јас бев единствениот којшто лично од Груби беше најмногу напаѓан во минатото, јас сум единствениот којшто од високи официјални лица на ДУИ во минатото и денеска лично е напаѓан и со ниски страсти и со лаги и со конструкции, најдиректно, најбрутално, која е логиката јас да склучувам пактови со лица како Артан Груби и сличните за да тие добијат помали мерки на претпазливост“, изјави премиерот Мицкоски.

Воедно, премиерот Мицкоски прашува дали можеби кај оваа група на ботови и прокси структури на СДСМ работи Фројд, односно потсвеста, па тоа што тие го правеле во минатото мислат дека го прави оваа влада сега. Во однос на одлуката на обвинителството и судот премиерот Мицкоски нагласи дека многу пати досега ги коментирал и обвинителството и судството и неговиот став за нив е непроменет, додека она за коешто кажал дека ќе го прифати без разлика дали се сложува или не се одлуките на Уставниот суд.

Exit mobile version