Мицкоски за преговорите со Бугарија: Да почекаме таму да се случи политичка Влада, за да видиме дали постои желба за дијалог

 


Сега е период кога апсолутно ништо не може да се случи во преговорите со Бугарија, истакна денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски кој одговараше на прашањето за евроинтегративните процеси и дијалогот со соседна Бугарија. Мицкоски потенцираше дека јавноста е доволно запознаена со позициите на Владата, како и со неговите лични позиции и, како што вели, „не би коментирал ни чекор повеќе, ни чекор помалку“.

- Сега е период кога апсолутно ништо не може да се случи во тој процес, бидејќи како што знаете имаме период кога во Бугарија ќе се случуваат нови седми по ред, во последните три години предвремени Парламентарни избори. Да почекаме да се случи таму политичка Влада, за да видиме дали постои желба за дијалог. Ние сме подготвени да разговараме, сакаме да разговараме и тоа го пренесуваме на нашите соговорници, кои доаѓаат од Брисел. Инаку што се однесува до нашите предлози, тие во јавноста се познати, коментирани многу пати до сега, изјави Мицкоски.

Премиерот на Република Северна Македонија, Мицкоски синоќа во телевизиско интервју зборувајќи за уставните измени апелираше да се престане со билатерализација на евроинтегративниот процес. Потврди дека на 19 септември ќе отпатува на состанок во Брисел и таму ќе биде соопштен  владиниот предлог за кој веќе јавно се зборува. Мицкоски вели дека тие нема да влезат наивно во какви било процеси и отстапки, без притоа да има јасен план и гаранција. 

- А тој јасен план и јасна гаранција мора да бидат потврда која што ќе се темели на јасна порака и на јасни постигнувања. Не можеме веќе да влегуваме во процеси без да имаме предвидлива завршница и затоа ние сме конструктивен партнер во процесот и велиме ајде заедно да седнеме со владата во Софија и да разговараме и да видиме имаме ние предлог. Тој предлог ние јасно го зборуваме, тој предлог не е од сега. Логичен е предлогот за одложена примена, да ги завршиме преговорите, па да видиме тогаш што ќе правиме, како ќе правиме, да видиме што со пресудите од Стразбур за македонската заедница од Бугарија, да видиме што конечно со идентитетот македонски и јазикот итн., затоа што ако ги погледате поглавјате 34 и 35 ги нема... Имаме многу прашања за кои треба да се дискутира. Ние сме подготвени, сакаме да дискутираме и да најдеме решение, рече синоќа премиерот Мицкоски. 

11.09.2024 - 11:51

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега